Министерот за правда Кренар Лога преку писмена реакција му одговори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на идната влада, Христијан Мицкоски, на неговата денешна изјава дека Лога имал шанса да направи реформа во правосудството, но за жал ја пропуштил бидејќи кадрите за обвинителството и судството ги барал на лоша локација на „Гугл мапс“.
Актуелниот министер за правда во техничката влада, Кренар Лога / Фото: „360 степени“ (Архива)
„Сега ќе дојде некој друг на негово место, којшто се надевам дека ќе успее барем двоцифрена да ја направи (довербата во судството) и тоа многу двоцифрена. За жал тој одлучи наместо да работи за граѓаните, плодна почва од каде што ќе се изнедрат кадрите во обвинителството и судството да биде Зајас. Мислам дека лоша локација на ’Гугл мапс’ нашол. Требало да најде поинаква…“,изјави денеска Мицкоски.
Инаку, ова е продолжение на јавната полемика на сè уште актуелниот министер за правда во техничката влада со партијата која освои најмногу пратеници, која уште во предизборието најави распуштање на Судскиот и на Советот на јавни обвинители и реформа на овие две тела, кои се задолжени за избор, оценување и разрешување на судии, односно обвинители.
Како и изјавата на Мицкоски и одговорот на Лога, кој тој го почнува со „почитуван мандарин“, е со зајадлив и ироничен тон.
„Среќата за да бидете премиер уште од 2020 ви беше меѓу Зајас и Мала Речица, понекогаш и седиштето Ви беше таму, односно како замрзнат имот пред суд. Можеби и бевте во право, но тогаш судбината, според Вашите луѓе, висеше во тие координации“,вели Лога во реакцијата.
Понатаму, во одговорот, министерот за правда вели дека тој за Министерството за правда е одговорен од 1 март 2023 година и дека неговата одговорност е ограничена поради фактот што сите кадри, кои, како што вели Мицкоски спинува, се вработени за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година, кога со владата раководеше поранешниот лидер на партијата и премиер Никола Груевски.
„Некои од тефтерчето на Горде, некои од ‘сваровски’ судството кои Вие повеќе од една деценија си го изградивте. И за крај, судскиот систем уште не може да стане на нозе поради човекот на кој Вие му бевте генерален секретар, односно човекот кој Ве избра за да бидете претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И милијардата евра од него ќе ви дојде, и првата официјална посета ќе биде од страна на неговиот чувар“,вели Лога во одговорот до Мицкоски.
Инаку, Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на седницата на Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), на која тој беше поканет да присуствува како гостин, рече дека реформа во правосудството ќе има бидејќи тоа е волјата на повеќе од половина милион граѓани, а во овој процес сигурно предвид ќе бидат земени мислењата на експертите.
„Што се однесува до експертските мислења тие ни се секогаш добредојдени, сигурно ние нема да влеземе во овој процес без да ги слушнеме експертските мислења. Впрочем и јас како универзитетски професор се сметам за определен експерт во определена област. Но, истовремено како експерт кога ќе констатирам проблем нудам и решение, за тоа што ако вие констатирате само проблем, а не понудите решение, тогаш тоа во суштина е факт и вие ќе мора да го прифатите како факт. Тоа не е проблем, тоа е факт. Така што јас очекувам во таа дебата со експертите да ги слушнеме и решенијата за проблемите коишто евентуално тие ќе ги посочат“,рече Мицкоски.
The post Лога му одговори на Мицкоски: Судството не може да застане на нозе поради човекот што ве избра за лидер на ВМРО-ДПМНЕ appeared first on Либертас.