Верниците од исламска вероисповед во целиот свет го започнаа тридневното празнување на Рамазан Бајрам.

Еид ал-Фитр започна на зајдисонце и го означува крајот на постот за време на светиот муслимански месец Рамазан.

По рамазанскиот пост, исполнет со прошка и милостина, верниците го поминуваат големиот празник со семејството и пријателите, со желби за добро здравје, среќа и бериќет.

Еид ал-Фитр секогаш се паѓа на 1-ви Шавал, десеттиот месец од муслиманскиот календар и трае три дена.

Во претходните 30 дена пост, верниците се воздржуваа од јадење, пиење, телесни задоволства, како и од грешни мисли и постапки од утро до зајдисонце.

Рамазан се смета за најважен и најпросветлен месец за муслиманските верници, во кој, се верува, започна објавувањето на светата книга Куран за муслиманите.