Кир Стармер вети дека ќе донесе промени во Велика Британија како нов премиер откако неговата Лабуристичка партија оствари голема победа на вчерашните парламентарни избори, симнувајќи ги Конзервативците од власт по цели 14 години.

 

 

Се очекува партијата на левиот центар да има големо мнозинство во парламентот со 650 места, додека Конзервативците се соочуваат со најтешкиот пораз во историјата на партијата, откако гласачите ги казнија за кризата на животните трошоци и за низа скандали.

 

 

„Промените можат да почнат сега. Рековме дека ќе ставиме крај на овој хаос и ќе го направиме тоа, рековме дека ќе свртиме страница и го направивме тоа. Денеска го започнуваме следното поглавје, почнуваме да работиме на промената за да ја обновиме земјата“, изјави 61-годишниот Стармер, кој дојде на чело на Лабуристите пред четири години.

Сунак претходно го призна поразот и кажа дека му се јавил на Стармер за да му честита.

„Денеска, власта ќе премине во други раце на мирен и законски начин, со добра волја на двете страни. Ја преземам одговорноста за изборниот пораз и се извинувам“, кажа Сунак.

И покрај убедливата победа, анкетите кажуваат дека нема многу ентузијазам за Стармер и Лабуристите, додека земјата се соочува со серија големи предизвици, како пад на животниот стандард и високи даноци. Стармер веќе призна дека ќе намали некои од амбициозните планови на Лабуристите.

„Не ветувам дека ќе биде лесно. Промената на земја не се случува преку ноќ, туку треба напорна работа“, рече Стармер.

Според досегашните неконечни резултати, Лабуристите ќе имаат 410 пратеници, 210 повеќе од досега, а Конзервативците ќе паднат на само 116. Четири пратеници освои партијата Реформа, чиј лидер Најџел Фараж, кој ја предводеше кампањата за брегзит, успеа да влезе во парламентот дури од осмиот обид.