Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Муамед Сејдини, ќе си замине од функцијата по завршувањето на двата ноемвриски дуели на А-тимот против Летонија на 14 ноември и против Фарски Острови три дена подоцна, дознава Спорт1 од извори блиски до Куќата на фудбалот.

Според информациите, Сејдини веќе ја ковертирал оставката и ќе ја обелодени по завршувањето на двата меча, со цел да нема нарушување на атмосферата во А-тимот, кој го обезбеди првото место во четвртата група од Ц Лигата на Нациите, со што во наредниот циклус ќе оди во посилната – Б Лига.

Претседателот Сејдини периодов ја изгуби довербата и кај најблиските соработници, членовите на Управниот одбор, кои верно му слугуваа и аминуваа досега, но наеднаш му го завртеа грбот, па свесен дека не може да се спаси, решил да си поднесе оставка. Неговиот мандат е при крај, напролет треба да има редовно Изборно собрание, но извесно е дека тој нема да биде кандидат.

Потпретседателот Лазар Ракиџиев веројатно ќе биде назначен за в.д. претседател, но само со ограничени ингеренции, а најважната задача ќе му биде да организира фер Изборно Собрание, на кое ќе биде избран наследник на Сејдини.

Сејдини стана претседател по оставката на Илчо Ѓорѓиевски во јули 2018 година, а дотогаш ја извршуваше функцијата потпретседател на ФФМ. Неговиот мандат ќе остане забележан по тоа што Македонија за првпат играше на едно ЕП (2020), но не поради тоа тој беше заслужен за тоа, туку поради тоа што наследи сплет на околности, синергија во А-тимот и лесен начин за пласман на Евро, па нескромно си ги припиша заслугите и се обиде да го собере ловориките.

Напротив, имаше мал милион скандали во неговата работа – најсрамната беше премирање на неговите фотељаши од УО (секој по 20.000 евра) за пласманот на ЕП, чиниш тие играа на теренот, потоа кавгите и препукувањата со тогашниот селектор Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев, приватизирањето на Федерацијата и целосното оддалечување од јавноста.

Во негово време тотално пропадна прволигашкиот фудбал, македонските екипи постојано имаа срамни резултати во еврокуповите, а инфраструктурата е на најниско ниво во историјата. Сејдини беше поврзуван и со флертување со една политичка партија, често беше гледан во друштво на министри, но затоа пак брзаше да оди во Нион и Лозана за да се жали дека политиката се меша во работата на ФФМ.

Обрачот околу Сејдини почна интензивно да се стега во последните три месеци, иако и од претходно најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев постојано реагираше и критикуваше за начинот на работа. Пред извесно време, оставка од функцијата директор си поднесе Дени Масев, кој не пропушти да распука по Сејдини, а десетина дена претходно се случил инцидент во кој бил нападнат токму првиот човек на Федерацијата.

Интересно, единствениот кој му дава поддршка и засега е на страната на Сејдини е Дарко Панчев, кој постојано потенцира дека актуелното раководство добро си ја врши работата и е на вистински пат да го врати македонскиот фудбал каде што му е местото.

Извор: sport1.mk