Муамед Сејдини вечерва поднесе оставка на функцијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Управниот одбор на „Куќата на фудбалот“ закажа Вонредно изборно собрание што ќе се одржи идниот месец.

Сејдини ја достави оставката до Управниот одбор и истата веднаш беше усвоена. Се потврдија шпекулациите дека ќе има смена на врвот во Фудбалската федерација откако пред извесно време членовите на Управниот одбор побараа свикување на вонредна седница. Сејдини заминува од позицијата по седум години на чело на македонскиот фудбал.

Тој од 2014 до 2018 беше потпретседател, а потоа кратко беше в.д. прв човек на ФФМ по заминувањето на Илчо Ѓорѓиоски. Во 2019 година на Изборното собрание беше избран за претседател.

Во продолжение во целост изјавата на Сејдини за интернет страницата на ФФМ.

„После седум извонредни години исполнети со историски достигнувања, решив да се повлечам од позицијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија.

Одлуката е резултат на моето размислување дека дојде момент за промена, после период што ќе остане запаметен како најуспешен во историјата на нашиот фудбал.

Заедно со вас, испишавме златни страници за македонскиот фудбал: историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, второ место во квалификациската група за Светско првенство и незаборавната победа над Италија во Палермо, успесите во Лигата на нации со пласман во Лига Б и реализацијата на бројни инфраструктурни проекти во соработка со УЕФА и ФИФА.

Ја напуштам оваа позиција со гордост и огромна благодарност до сите кои придонесоа за овие успеси: фудбалерите, селекторите, клубовите, инвеститорите, администрацијата, членовите на Управниот одбор и секој љубител на фудбалот.

Јас ќе продолжам да ја извршувам својата улога до 22. декември, кога на Вонредно Собрание ќе биде избран мојот наследник.

Со целосна верба во иднината на Федерацијата и македонскиот фудбал, од срце ви благодарам за поддршката и соработката во изминатите години. 

Со почит и благодарност, Муамед Сејдини“.

Управниот одбор закажа Вонредно изборно собрани за претседател на Фудбалската федерација на 22.декември годинава.