Денес, во просториите на Дом на пензионери, Демир Хисар, се одржа Буџетски форум за урбаната и месните заедници во општината, со цел нивните предлози да бидат земени во предвид при изготвувањето на предлог-плановите за работа и предлог Буџетот за 2025 година на Општина Демир Хисар.

Форумот беше збогатен со презентацијата на наодите од анкетата релизирана преку проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, каде што граѓаните имаат можност и непосредно се вклучуваат во процесите на креирање и реализација на локалните политики, и на таков начин да ја промовираат и унапредуваат партиципативната демократија. Проектот го реализира МКЦ – Битола со поддршка на НВО Инфоцентар преку Форумот за граѓански дијалог 2024.

Градоначалникот Најдовски, подробно ги запозна присутните за досега успешно имплементираните крупни проекти кои се од исклучително значење за граѓаните и целокупната општествена заедница. Меѓу другото, Најдовски, ги спомена овие проекти кои се реализирани или се во фаза на реализација во 2024 година:
– Изградба на тротоар долж улица „Битолска“ во Демир Хисар, во должина од 1000 метри, со вкупно обезбедени средства 9.083.127,7 денари, од кои Биро за регионален развој: 5.053.075 денари и Општина Демир Хисар 4.030.052 денари чија изградба е во тек;
– Реконструкција на улица во село Прибилци, во должина од 450 метри, со вкупно обезбедени средства 2.359.421,20, од кои Биро за регионален развој 1.000.000 денари и Општина Демир Хисар 1.359.641 денари, проект кој е реализиран;
– Доизградба на краци за фекална канализациона мрежа во Демир Хисар профили 3 и 3.1, во должина од 136 метри, со вкупно обезбедени средства од Општина Демир Хисар во висина од 1.237.499 денари;

– Комплетна реконструкција на Градскиот парк во Демир Хисар, со вкупно обезбедени средства од 5.596.042 денари од Бирото за регионален развој преку Пелагонискиот плански регон.


Како планирани проекти кои би се реализирале во 2025 година, Најдовски нагласи дека Општина Демир Хисар преку потпишан договор со Владата за капитални инвестиции, согласно јавниот повик објавен од страна на Министерството за локална самоуправа, обезбеди средства за 4 проекти, и тоа:
– Реконструкција на две улици во село Белче, со вкупна должина од 963 метри, потоа реконструкција на главна улица во село Единаковци и изградба на спортски комплекс со терен за кошарка и тениско игралиште во Демир Хисар. Средствата се во висина од 44 денари по глава на жител на општината.
– Изградба на канализациона мрежа со пречистителна станица за отпадни води за село Вардино, со вкупно обезбедени средства од 544.983 евра од Европска инвестициона банка, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, како неповратни средства до општините;


– Доизградба на водоводна мрежа во село Слепче, а постапката е во процедура во Министерството за животна средина и просторно планирање;
– Реконструкција на улица „Маршал Тито“ и дел од улица „Вељко Влаховиќ“, во должина од 1.400 метри, проект кој се реализира преку Министерството за транспoрт и врски.


Градоначалникот напомена дека е подготвена техничка документација за околу дополнителни 10 проекти, а за кои е планирано аплицирање на дополнителните јавни повици од страна на Владата за 2025 година.

Претставниците на месните заедници имаа прилика и можност да се произнесат со конкретните и реални проблеми со кои се соочуваат, односно, претходно преку Јавен повик да напишат соодветен формулар, да ги наведат проблеми во нивните населени места, сѐ со цел општината да излезе во пресрет за да може навремено да се надминат истите.

Исто така, градоначалникот изрази јавна благодарност за масовната присутност и, истакна дека, во наредниот период со силна заложба и посветеност ќе се работи на круцијални проекти кои ќе придонесат за развој на Општина Демир Хисар.