Прашањето за тоа кој го штити Фатмир Етеми и зошто институциите не преземаат мерки против него станува сè поактуелно во јавноста. Веќе поминаа повеќе од два месеци откако Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, заедно со Единицата за финансиски криминал и Одделот за криминалистичка полиција, поднесоа кривична пријава против Етеми. Пријавата се однесува на основано сомнение за сторено кривично дело „Измама при работењето со хартии од вредност и удели“ согласно член 275 став 3 од Кривичниот законик, прашуваат денес медиумите.

НЕДЕЈСТВУВАЊЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

Иако за злоупотреба на внатрешна информација Фатмир Етеми платил глоба, Народната банка на Република Северна Македонија, која е регулатор на банкарскиот сектор, не презела никакви дополнителни мерки.

Напротив и покрај забраната од член 83 став 1 точка 4 од Законот за банки, каде стриктно е утврдено дека лице со посебни права и одговорности (член на надзорен одбор) не може да биде лице на кое му е изречена прекршочна санкција,Народна банка на РСМ му дала согласност за нов мандат за член на Надзорен одбор на Комерцијална банка АД Скопје.

Според член 68 став 1 алинеја 4 од статутот на Комерцијална Банка АД Скопје, лице на кое му е изречена прекршочна санкција или казна за забрана за вршење професија, дејност или должност не може да биде член на Надзорниот одбор. Сепак, ова правило очигледно не се почитува.

ОДГОВОРНОСТА НА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА

Комерцијална Банка АД Скопје има обврска да го почитува својот статут, но до денес не е преземена никаква акција за разрешување на Фатмир Етеми од Надзорниот одбор. Ова отвора сомнежи за можна заштита или притисоци врз банката од страна на влијателни структури.

КОЈ И ЗОШТО ГО ШТИТИ ФАТМИР ЕТЕМИ?

Останува отворено прашањето кој има интерес да го задржи Етеми на една од највисоките позиции во најголемата банка во државата. Дали станува збор за влијание од политички кругови, лични интереси или пак заобиколување на законите заради моќ и финансиски интереси?

Јавноста очекува одговори и конкретни мерки. Ако институциите продолжат да молчат, довербата во регулаторите и банкарскиот сектор ќе биде сериозно нарушена, а тоа ќе создаде простор за уште поголема недоверба и нестабилност.