На 20-тата седница на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион, која се одржа на 27 ноември 2024 година во општина Могила, едногласно беше избран нов претседател на Советот – градоначалникот на општина Демир Хисар, г. Никола Најдовски.
Г. Најдовски ја презема оваа важна функција со чест и одговорност, при што упати благодарност до своите колеги, градоначалниците на општините членки на Советот, за укажаната доверба. Тој воедно изрази признание и благодарност до досегашниот претседател на Советот, г. Јован Тозиевски, градоначалник на општина Ресен, за неговото успешно раководење и значајните придонеси за развојот на регионот.
„Локалниот и регионалниот развој се тесно поврзани и ја делат заедничката цел – подобрување на условите за живот за сите граѓани во регионот,“ изјави новиот претседател на Советот, г. Најдовски. „Моите заложби ќе бидат насочени кон иницирање нови проекти и програми, кои преку заедничка работа со сите релевантни чинители ќе придонесат за развој и просперитет на Пелагонискиот плански регион.“
Г. Најдовски истакна дека Советот ќе продолжи да работи на реализирање на стратешки проекти кои ќе го поттикнат економскиот, инфраструктурниот и социјалниот развој на регионот. Преку ефективна соработка помеѓу општините, целта е да се обезбеди квалитетен и одржлив развој, кој ќе одговори на реалните потреби на граѓаните.
Со неговото именување, градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски, ја презема водечката улога во унапредувањето на регионот, продолжувајќи ја традицијата на посветена работа и успешна соработка меѓу општините на Пелагонискиот плански регион.